Се асфалтира во с. Лакавица, ќе се работи и на „Панче Караѓозов“ – Јорданов апелира на трпеливост

Граѓаните да бидат трпеливи, бидејќи во Штип ќе се асфалтира и во следните месеци и години, истакна денес градоначалникот Иван Јорданов. Имено, денеска тој ги увиде активностите за асфалтирање на улицата во с. Лакавица, каде претходно се постави тампон. Како што потенцираше Јорданов, освен оваа опфатени ќе бидат и други улици насекаде низ Штип со што ќе се подобри патната инфраструктура. Прво ќе се пристапи кон приоритетните, но тоа не значи дека нема да бидат опфати и останатите кои секако се проблем за граѓаните.

„Ќе го искористиме периодот што следи за асфалтирање и на други улици. Од утре започнуваме со асфалтирање една улица во населба Света Недела. Секако дека ќе биде завршен и вториот асфалтен слој на улицата „Панче Караѓозов“ и низа други инфраструктурни проекти коишто ќе ги реализираме во наредниот период. Сакам да ги замолам нашите сограѓани за трпение, затоа што овие градежни активности коишто ќе следуваат, ги реализираме со целосниот капацитет со којшто располагаме. Јас сум убеден дека ќе направиме низа проекти во секој дел од нашиот град, знам и убеден сум дека има низа проблеми и потреби на граѓаните коишто бараат да бидат реализирани. Ние во рамките на нашите можности секаде ќе реализираме одредени проекти“, истакна Јорданов.

За пристапната улица во с. Лакавица која води од продавницата до училиштето и просторот кој пред продавницата се користи како паркинг ќе се искористат 1500 метри квадратни асфалтна маса. За градежните активности ќе се искористат 1,5 милиони денари од буџетот на Општина Штип, кои како што потенцираше Јорданов се пари на граѓаните искористени во сервис ним.

Ребека Спасова М-Нет