Ретроспектива: Две години пандемија, граѓаните со сè поголема желба за живот како оној пред Ковид – 19

Прво прекин на воспитно – образовниот процес, забрана за масовни собири и патувања. Потоа полициски часови, изолација, карантин – најригорозните мерки во изминативе две години. Владата секојдневно донесуваше нови мерки и препораки, маските станаа секојдневие, да се држи дистанца беше она што сè почесто се слушаше. На 13 март 2020 година стапи на сила и одлуката за кризна состојба во дел од градовите, она што следуваше го блокираше или барем паузираше светот за одреден период, чие траење никој не го очекуваше. По нешто повеќе од 24 месеца откако беше констатиран првиот ковид – случај во земјава, мерките се олабавуваат, а граѓаните се со сè поголема желба за живот како оној пред короната.

Пандемијата беше виновникот за социјална и економска нестабилност и голем број откажувања на настани и случувања, но беше и предмет за ширење дезинформации и теории на заговор за вирусот. Препорачаните мерки вклучуваа често миење и дезинфекција на рацете, одржувања растојание и самоизолација од 14 дена за инфицираните лица. Дезинфекција се вршеше и на автомобилите со тоа што се поставуваа дезинфекциони прскалки и пунктови за дезинфекција, кои за некое време беа и отстранети. Мерките се донесуваа и укинуваа, но пандемијата сè уште беше голема закана за секое поле на човековото дејствување. Сега веќе бројот на заразени се намалува, Комисијата за заразни болести ги олабавува мерките и апелира на помасовна вакцинација како единствен излез од пандемијата.

Освен ова, пандемијата во земјава зад себе остави 302.867 ковид – дијагностицирани лица, 291.719 оздравени и 9.164 починати лица и речиси 2.000.000 тестирања.

Ребека Спасова М-Нет