
30 дена можност за институциите даваат кочанските еко – активисти. Во следните месец дена нема да се протестира, но ќе испратат допис до Министерството за животна средина за ревидирање на А-интегрираната дозвола на фабриката за хартија „Пејпер мил“.
„Во наредните 30 дена даваме фора на институциите да преземат нешто, но во меѓувреме ќе поднесеме барање за ревидириање на А-интегрираната дозвола, бидејќи мислиме дека за тоа има простор, така кажаа и нашите правни застапници. Ќе бараме да ја прават пречистителната станица за отпадните води, бидејќи требаше да биде готова до Нова година, но сѐ уште од тоа нема ништо“, истакна Зоран Тодоров од НВО „За здрав живот во Кочани“.
Како што додава Тодоров, ќе бараат фабриката да биде под постојан надзор на инспекторите за животна средина. Очекуваат Општината да организира јавна расправа за да се бара решение преку дијалог.
„Од Општината очекуваме да застанат зад граѓаните во оваа борба и во овие барања и да ги евидентираат сите пропусти кои ги има, особено во делот на отпадните води, бидејќи тоа мислам дека е и во нивна надлежност. Треба да направат јавна расправа во којашто ќе разговараме отворено за овие теми“, вели Тодоров.
Минатата сабота кочанчани организираа голем протест, а пред истиот секојдневно по два часа мирно протестираа пред фабриката. Тие се со став дека проблемот е во тоа што институциите немаат слух за нивните барања. Од фабриката, пак, децидни дека не ги нарушуват условите на А-интегрираната дозвола, а најавија и продолжување на инвестицискиот процес.
Ребека Спасова М-Нет