Невенка Величкова е нов в.д. директор на ООУ „Димитар Влахов“, петта промена во училиштата

Пред извесен период уште едно штипско училиште доби нов вршител на должноста директор. ООУ „Димитар Влахов“ ја доби Невенка Величкова за прв човек, наместо досегашниот директор Миле Младеновиќ.

Величкова е внатрешно решение и повеќегодишен одделенски наставник во ова училиште. Младеновиќ, пак, ја врши функцијата директор од 13 јуни 2018 година со четиригодишен мандат, а претходно без решение беше вршител на должност директор од ноември 2017 година. Тогашната промена на директорското место беше по депонирање на оставката дадена од претходниот директор.

Како што информираа од Општина Штип, повторно станува збор за депонирање оставка од страна на сега веќе претходниот директор, по што Општината избрала ново решение.

Во изминативе четири месеца ова е петта директорска промена. Прво штипската гимназија, па средното текстилно училиште и средното електро – машинско училиште добија нови вршители на должноста директор. Од основните училишта, пак, единствено ООУ „Славејко Арсов“ доби нов директор. Ова е втора промена во основните училишта и четврта чија причина е оставката на претходните директори. Во Гимназијата, пак, директорот го промени Општината поради неправилности во работењето. Тој поднесе жалба за која излезе со став дека му е прифатена, но на директорската позиција сѐ уште не е вратен.

Ребека Спасова М-Нет