
Намалена акциза, нула отсто ДДВ за основните прехранбени производи, помало ДДВ од 18% на 10% при промет на енергенси, се дел од новите 26 мерки на Владата за ублажување на последиците од најголемата глобална криза по втората светска војна. На денешната прес – конференција претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, го соопшти новиот пакет мерки во кој со намалувањето на акцизата ќе следува и намалување на цената на горивата, кај дизелот за 10,5 денари, а кај бензинот за 11,5 денари.
Пакет мерките се поделени во две групи, и тоа: мерки за заштита на животниот стандард и одржување на ликвидноста на компаниите и мерки за финансиска поддршка на компаниите преку Развојната банка.
Освен акцизата, ќе се намали и повластената стапка за ДДВ за основните производи за храна од 5 на 0 отсто, на лебот, шеќерот, брашното, сончогледовото масло за јадење, трајно млеко, свежо месо, ориз и јајца. 35 000 граѓани ќе добијат ваучери од по 1000 денари месечно во период од 3 месеци кои ќе се користат за купување основни производи, а такви ваучери се предвидени и за пензионерите. Ќе се пролонгира и примената на повластената стапка од 5 отсто за прометот со електрична енергија кон домаќинствата со што би требало да се ублажи ценовниот удар од растечката цена на струјата. Повластената даночна стапка ќе важи до крајот на 2022 година.
Според Ковачевски, сите 26 мерки ќе придонесат за намалување на ценовниот шок.
Ребека Спасова М-Нет