Нова водоводна мрежа ќе добијат жителите на месноста Каваклија за најмногу два месеца

За најмногу два месеца, жителите во месноста Каваклија ќе добијат нова водоводна мрежа, вети градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов. Тој денес изврши увид на отпочнувањето на градежните активности, со кои треба да се реши долгогодишниот проблем на тамошните жители. Освен овде, Јорданов најави обнова на водоводна и канализациона мрежа и на неколку други улици, како и во населбата Македонка.

„Ова е суштинска потреба на оваа населба затоа што е долгогодишен проблем со водоснабдувањето на овој дел од градот и се решава еден децениски проблем на жителите од оваа населба. Веднаш по завршувањето на поставувањето на водоводната мрежа, ќе бидат асфалтирани и бетонирани сите улици коишто при поставувањето биле оштетени. Исто така сакам да споделам со јавноста дека освен оваа водоводна линија во наредниот период неколку улици од нашиот град комплетно ќе бидат заменети со нова водоводна и канализациона мрежа. Во населба Македонка исто така во наредниот период ќе поставивме нова мрежа и нови приклучоци до сите домаќинства, така што периодот којшто следи ќе го искористиме за инвестиции во инфраструктура, во водоводна и канализациона мрежа“, истакна Јорданов.

Станува збор за проект во вредност од 9,5 милиони денари, кои, како што напомена градоначалникот, се пари на граѓаните. Водоводната мрежа е во должина од 2600 метри, а проектот треба целосно да се заврши за месец или два.

„Со оглед на тоа што теренот на којшто ќе работат изведувачите исто така ќе влијае на временскиот рок односно на периодот на изведба на активностите, јас се надевам дека во наредниот месец – два целата населба ќе добие заменета водоводна линија, наместо старата којашто е поставена на импровизиран начин. Жителите од оваа населба ќе добијат нов начин на водоснабдување и ќе имаат современ систем на вода за пиење“, додаде Јорданов.

Поставување водоводна мрежа и обезбедување чиста вода за пиење за жителите на Каваклија и Суитлак беше и предизборно ветување на Јорданов, за кое тој рече дека ќе биде приоритет уште во првите месеци од мандатот.

Ребека Спасова М-Нет