
Сообраќајна несреќа се случи утринава на првата патарина во изградба кај Кадрифаково, на автопатот Штип – Мила
Камион со штипски регистарски ознаки утринава урна кабина и оштети две соседни на патарината во изградба кај Кадрифаково, на автопатот Штип – Миладиновци. Сообраќајната несреќа се случи утринава околу 9:50 часот, кога каминот удри во патарината и се преврте. Увид на лице место изврши екипа на СВР Штип, а присутни беа и екипи од ЈПДП. Според информациите од СВР Штип, настанот е пријавен во 10:00 часот, по што екипите излегле на терен. Камион МАН со штипски регистарски ознаки управуван од 58 годишен штипјанец кој изгубил контрола удрил во кабина за наплата. Возачот е во добра здравствена состојба, но причинета е голема материјана штета. Како што додаваат од Секторот, во моментов се прават дополнителни испитувања и утврдувања, по што ќе се знаат и повеќе информации.
Патарината беше во својата завршна фаза од изградбата и требаше да се пушти кон крајот на месец март. Пролонгирање ќе мора да има, но од ЈПДП засега не можат да предвидат за колкав период станува збор сѐ додека не се добие целосна информација за предизвиканата штета.
„Во незгодата во целост е оштетена една наплатна кабина и има делумно оштетување на две соседни кабини. Од ударот во кабината предизвикано е оштетување и на опремата на Наплатната станица, односно на самите ленти на кои се поставени наплатните ленти. Конкретно, целосно се оштетени две автоматски бариери – задни рампи, а исто така целосно се оштетени два линиски контролери. Има и оштетувања на друга поставена опрема, како држачи, столпчиња и слично.“ – велат од ЈПДП
Од ЈПДП апелираат до учесниците да се придржуваат до посебниот режим на сообраќај на патниот правец кој е воведен поради градежните работи, односно да ги почитуваат знаците со предупредување, поставените пластични бариери за пренасочување на сообраќајот, како и поставените сообраќајни знаци со ограничување на дозволената брзина на движење од 20 километри на час.
Инаку на овој автопат во изградба се две нови патарини, освен оваа кај Кадрифаково, уште една има и кај Преод. Истите требаше да бидат готови до крајот на месецот.

Видео на фејсбук: https://fb.watch/bxL76FdYJS/
Ребека Спасова М-Нет