
Енормно високи сметки за струја плаќа и Основниот суд Штип. Откако договорот со правното лице за снабдување со електрична енергија еднострано се раскинал и овде, Судот се снабдува од ЕВН. Меѓутоа, сега се принудени да плаќаат од шест до осумпати повисока сума споредбено со овој период претходната година. Ако во декември 2020 година се платиле 35.000 денари, во декември 2021 сметката била 280.000 денари. За јануари, пак, Основен суд Штип мора да плати 210.000 денари.
„И нашиот суд како и други неколку судови во Република Северна Македонија се погодени од енергетската криза, односно од зголемувањето на цената на електричната енергија. Од страна на правното лице со коешто имавме склучено договор за снабдување на електрична енергија еднострано ни беше раскинат договорот, така што се најдовме во ситуација додека се спроведе и заврши новиот тендер којшто е потребен за определување ново правно лице, да склучиме договор со универзалниот снабдувач кој е ЕВН. Од таму за изминативе месец – два ни се фактурарани навистина енормни сметки, дури седумпати или осумпати повисоки“, вели претседател на Основен суд – Штип, Ѓорѓи Андонов.
Токму поради енергетската криза, Судот имал издадено наредба за економично и домаќинско постапување со електричната енергија. Сепак, високите сметки не ги одминале и нив, а претседателот Андонов најави и судска заштита.
„Сепак, сме донесени во ситуација да плаќаме огромни износи за електрична енергија коишто ќе мора да ги исплатиме, а во план е да побараме и судска заштита, односно да поведеме спор кон правното лице коешто еднострано го раскина договорот и сметаме дека на тој начин е нанесена штета“, додава Андонов.
Инаку, Основниот суд во Штип имал склучено договор со правно лице за снабдување на електрична енергија, бидејќи има над 50 вработени. Во октомври минатата година пристигнало писмо од добавувачот кој барал да го промени договорот по однос на цена, со што не се согласиле. По раскинувањето на договорот, Судот од ЕВН со електрична енергија ќе се снабдува три месеца, а нова фирма ќе изберат преку тендер. Понудите на истиот ќе се разгледуваат денес.
Лаура Стојанова М-Нет