Ампева: Новиот Закон за минимална плата не содржи системски решенија

Синдикатите не дадоа целосни решенија во предлог – Законот за покачување на минималната плата, ниту има некаков дијалог, вели претседателката на „Гласен Текстилец“, Кристина Ампева. Според неа, пред сѐ важно е во Законот да има конкретна сума, а не, како што стои, 60% од просечната плата. Како што додава таа, сите имаат некакви барања, а никој нема решенија. Пандемијата, енергетската и здравствената криза, нарушените работнички права, ниските суми за исплата на плата бараат системски решенија.

„Во челновите еден и два да биде појасно стои дека се чека експертско мислење од економско социјален совет, кој ја објавува минималната плата или ја усогласува и понатаму останува тоа Министерот за труд да го донесе. Меѓутоа, прашувам дали ова значи дека усогласувањето и покачувањето на минималната плата ќе зависи од трипартитниот дијалог кој се води измината недела? Дали ова зависи од организација на работодавачи, од бизнис секторот, од Влада и синдикатите дека треба да има позитивен одговор од сите, па ние да имаме покачување на минимална плата.“ – кажа Ампева.

Ново субвенционирање на приватниот сектор во никој случај не смее да има, вели таа, имајќи предвид дека практиката, особено сетовите мерки, покажуваа злоупотреба на државниот буџет од народни пари.

„Прогресивно оданочување, премиерот најави мерка за ослободување од даноци на ИТ секторот, на еден од најплатените сектори. Тоа не смее да се случува, од тоа се полни касата на крајот од денот. Така би се зголемила куповната моќ на граѓаните, преку намалување на таа сива економија и јакнење на тие надзори, со одданочување на богатите“ – додаде Ампева.

Ампева повика да погледнат во регионот и за пример ја даде Црна Гора, која со стратегија и анализа драстично ја покачува минималната плата, Владата се откажала и од здравствените придонеси, а ја имаат оданочено и платата над 1000 евра. Дополнително, додаде дека има решенија и заинтересирани експерти, но повика Владата да покаже интерес за истите и да ги повика на дискусија, особено поради тоа што тие како здружение учествуваа во првичното покачување во 2017 година.

ССМ, политичките партии и Владата, повика Ампева, да излезат и да ги образложат веќенаведените аспекти кои бараат системски решенија.

Ребека Спасова М-Нет