
Новата штипска клиничка болница и годинава ќе ја гради грчки Интракат. Според Министерството за здравство, рокот е до 31 декември годинава, а изведувачот има договор и валидна банкарска гаранција. Од таму додаваат дека Европската банка се нема повлечено од кредитирањето, туку само истекол договорот. Меѓутоа, здравство и финансии си ја префрлаат топката за тоа кој има надлежност да обезбеди нов финансиер.
„Прашањето е во надлежност на Министерството за финансии. Со оглед на потпишаниот договор за кредит, кој во моментов е истечен, државата се обврзала дека ќе бидат обезбедени потребните финансии со цел завршување на објектот над оние кои се искористени како кредитни.“ – рекоа од здравство.
Но на ова од финансии надлежноста ја вратија во здравство. Во одговор од таму стои дека проектот е под надлежност на Министерството за здравство, па затоа за прашањата поврзани со неговата реализација побараа да се упатиме кај надлежното Министерство.
И додека не се знае кој ја има надлежноста за потрага по нов финансиер на 13,5 милиони евра, пациентите од Истокот се лекуваат во зграда изградена во триесетите години на минатиот век. На ова првиот човек на Клиничка болница – Штип, д-р Ален Ѓеорѓијев, вели дека санации се прават во одделенијата кои нема да влезат во новата болница.
„Сите ја чекаме изградбата на новата клиничка болница и затоа не беше тенденција на мене како менаџер на оваа болница да вложуваме во некои инфраструктурни делови, во оние коишто со изградба на новата болница ќе останат надвор од објектот на таа нова зграда. Досега зградата на Инфективниот оддел беше реновирана, бидејќи ќе остане надвор од таа нова зграда. Со неа се направија некои инфраструктурни промени со европски пари. Она што мене ми е предизвик во наредниот период е делот на Физикалната терапија“, рече Ѓеорѓијев. =
Во останатите одделенија каде не е економски и исплатливо да се реновираат, бидејќи ќе влезат во новата болница, направени се некои помали интервенции. Саниран е целиот систем за парно греење, електричната инсталација, а набавена е и нова цистерна за нафта.
Ребека Спасова М-Нет