Според СДСМ, Јорданов знае само да се слика, од Кабинетот велат – СДСМ се заслепени од поразите

Според ОО на СДСМ Штип, новиот градоначалник Јорданов знае само да се слика. Откако пред неколку години критикувал за возилото кое го набавила тогашната власт предводена од СДСМ, сега излегол да се слика и справува со не толку силните наноси од снег со истото возило.

„Иван Јорданов заборави дека критикувал, па вчера го направи она што најдобро го знае – се сликаше со истото тоа возило соларка, иако во градот немаше големи снежни наноси, само за да добие политички поени. ВМРО – ДПМНЕ како локална власт продолжува со своето несериозно однесување, граѓаните секојдневно се сведоци на партиски реваншизам и неспособност. Ако во 2017 година наследивме хаос и празна општинска каса, успеавме како Локална власт да направиме многу капитални проекти. Денес и покрај тоа што Јорданов наследи полна каса и многу готови проекти, она што го прави е само се слика“, рекоа од СДСМ.

На ова од Кабинетот на градоначалникот во реакција напишаа дека СДСМ е партија која е толку многу заслепена од поразите, што не видела дека вчеравечер надлежните расчистувале со друго моторно возило, а не со споменатото.

„Локалната самоуправа во изминативе четири години беше предводена од опозициската паритја СДСМ, која имаше уникатна можност да се докаже. Меѓутоа, очигледно ја пропуштија можноста да работат во интерес на граѓаните, па заслепени од поразите на секое поле, не забележуваат дека овојпат снегот се расчистуваше со друго моторно возило, а не со споменатото на денешната прес – конференција.“ – рекоа од Кабинетот на градоначалникот.

Од СДСМ, пак, додадоа дека набавиле повеќенаменски возила за потребите на јавните претпријатија „Исар“ и „Стипион“, од кои шест за ЈП „Исар“, а кои биле мета на напад од ВМРО – ДПМНЕ и Иван Јорданов. Од партијата очекуваат новиот градоначалник да продолжи со фотосесиите со кои ќе преземе заслуга и за новото возило за ТППЕ Штип.

Ребека Спасова М-Нет