
Без значителни отсуства, со физичко присуство и под ковид – протоколи започна второто полугодие во училиштата во Штип. По две недели продолжување на распустот и одложување на почетокот, учениците од средните и основните училишта се вратија во училишните клупи. Како што велат директорите на неколку средни и основни училишта во Штип, кај нив не е забележан значителен број на позитивни наставници и ученици и нема некои поголеми отсуства. Позитивен е еден ученик во Гимназијата „Славчо Стојменски“, а една наставничка од основното училиште „Тошо Арсов“ развила симптоми на Ковид – 19.
Во однос на протоколите, директорите истакнаа дека во училиштата се користат сите ресурси со цел да се зашти наставничкиот кадар, техничкиот персонал и учениците. Наставата во училиштата е со физичко присуство, а задолжително се носат и маски и се почитуваат сите мерки за заштита од Ковид – 19.
И покрај различните мислења и негодувањата, одлуката за настава со физичко присуство беше донесена откако Министерството за здравство заклучи дека епидемиолошката состојба го дозволува тоа. Ќе се прави случаен скрининг меѓу учениците, а доколку се појави ширење на вирусот ќе бидат преземени мерки. Од Министерството апелираат на почитување на мерките како носење маски, држење соодветно растојание и честа дезинфекција.
Ребека Спасова М-Нет