Две починати лица од Ковид 19 регистрирани во штипската болница, слободни само седум кревети

Две починати лица како последица од ковид 19 регистрирани во текот на вчершаниот ден во штипската болница, едно лице на 70 годишна возраст од Кочани и едно лице на 79 години од Штип. Според извештајот од болницата во последните 24 часа ново примени се две лица, дома си заминале четири. Со оваа статистика бројот на хоспитализирани е 51, од кои 41 имаат потреба од кислородна поддршка и се приклучени на апарати за дишење, а вакцинирани се 16 лица. Моментално слободни се седум ковид кревети на Инфективното одделение, информираше портпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шманска.

Во Кочани за сега нема хоспитализирано ковид пациенти на Интерното одделение при Општата болница, но со можност да се отвори модуларната ковид болница доколку има потреба за истото, потврдуваат од болницата.

Во општините од Истокот моментално активни се 946 ковид случаи. Во три општини бројката е троцифрена односно во Штип има 311 ковид случаи, во Кочани 217 и во Делчево 159. Во останатите општини бројката е двоцифрена, но висока во Берово каде активни се 95 корона лица, а двоцифрена е и во Македонска Каменица и Пехчево каде има активни 45 односно 31 ковид случаи.

Според информации од Министерството за здравство заклучно со вчера во земјата се направени вкупно 1.755.926 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 259.328, бројот на оздравени пациенти е 230.206, на починати е 8.266, а бројот на активни случаи изнесува 20.856.

Лаура Стојанова М-Нет