
Автентичната македонска куќа има свои особености кои ја карактеризираат. Староградскиот стил од 19. век ги прави посебни и уникатни и како такви зрачат не само во Штип и штипско Ново Село, туку и во другите градови низ државата. Сепак, токму поради специфичните прописи за тоа како треба да изгледа една стара куќа, тешко оди процесот на реконструкција.
„Тоа е староградски стил од крајот на 19. век и почетокот на 20. век. Во Ново Село, па и во повеќе градови во државата карактеристиката е таа што во долниот дел се изградени со камен, а горниот дел е со дрво. Има карактеристични сводови, карактеристични прозори, капаци на прозорите. Меѓутоа, тешка е одржливоста на старите куќи, бидејќи токму таа градба ја прави тешка реконструкцијата“, истакна директорот на НУ Завод и Музеј – Штип, Митко Штерјов.
Според директорот на НУ Завод и Музеј Штип, Митко Штерјов, од страна на Министерството може да се олабават и некои од Законите, па така би се запазил само стилот, а нема да биде потребна заштита, што е прескапо за сопствениците на приватните куќи.
„Ние како стручни лица имаме и насоки односно препораки до Министерството за да може да се олабават Законите каде што ние би можеле да го запазиме само стилот на фасадата, а не да заштитуваме дрво коешто е старо и по сто години, бидејќи тоа за приватни сопственици е многу скапа работа“, вели Штерјов.
Штип има историски личности и ваква староградска приказна, но според Штерјов, за да се продаде истата потребно е да соработуваат повеќе институции. Една институција не може да го направи тоа, но преку заедничка соработка може да се искористи потенцијалот на Штип.
„Сакаме да соработуваме со сите институции, бидејќи тоа со такви историски содржини и личности од штипско Ново Село треба да го искористиме. Тоа е бенефит на нашиот град за да можеме да ги пренасочиме и приватните финансиери, државните финансии и меѓународните проекти, да одиме на тоа дека во еден град има толку многу содржини и многу личности коишто придонеле и за развојот на државата. Историски гледано, го имаме првиот епископ, првите премиери. Навистина, Ново Село покрај историскиот аспект, го има и материјалниот амбиент. Се трудиме ние колку можеме во тој дел, но треба една соработка помеѓу сите институции, државните, приватните компании, невладините организации, како и ИПР. Сите заедно треба да се пренасочиме во тој дел, бидејќи не само Ново Село, ние го имаме и Исарот“, додава Штерјов.
НУ Завод и Музеј Штип има изготвено проект за целосна реконструкција на тврдината Исар, како и проекти за Саат кулата, Хусамедин Пашина Џамија, локалитетот Баргала и Уметничката галерија Безистен, кои се културни споменици на градот. Сепак, за реализација на истите потребни се финансиски средства.
Ребека Спасова М-Нет