
Студените временски услови го редуцираа бројот на купувачи на градскиот пазар во Штип. Интензитетот на раздвиженоста кај луѓето денес со помало темпо, но сепак задоволувачки. Цените се движат на релативно исто ниво како и претходните пазарни денови, но како што велат купувачите, ниските економски примања сепак се причина да бидат поумерени во пазарењето. Велат дека купувањето на пазар е поисплатливо, зеленчукот и овошјето се со пониска цена во споредба со маркетите. Меѓутоа, иако цените се пристапни, сепак се значително високи во споредба со потрошувачкиот буџет со кој располагаат.
Продавачите – прилично задоволни од пазарниот ден, велат дека и покрај студеното време, потрошувачката е на задоволително ниво. Побарувачка има, а значителни измени во цените на производите нема споредбено со изминатиот период.
Како што велат продавачите, вообичаено за овој период од годината најголема побарувачка има на овошјето, а се трошат и јаткастите плодови и сувото овошје кои се сѐ поприсутни на тезгите со доаѓањето на новогодишната и божиќната сезона.
Ребека Спасова МНет