Асфалтирана пристапна улица и нов мост на Козјачка река добија жителите на Карбинци

Се асфалтира пристапната улица до новиот мост на Козјачка река во Карбинци. По повеќемесечната најава жителите добија мост со кој се поврзуваат со административниот дел од општината, односно училиштето, општинската зграда, аптеката, амбулантата и регионалниот пат кој води кон Штип. Како што истакна градоначалникот, Виктор Паунов, по завршувањето на мостот деновиве се пристапува кон асфалтирање на улицата.

„Денес започнуваме со онаа последна фаза за асфалтирање на пристапната улица во с. Карбинци. Оваа улица е со должина од 460 метри, така што со ова го завршуваме овој проект којшто траеше долго, речиси три години. Ние ги интензивиравме овие градежни активности. Следниот ден ќе биде завршен овој асфалт“, додаде Паунов.

Мостот требаше да биде изграден претходната година, но договорот за изградба неколкупати беше продолжуван по барање на изведувачот. Како причини се наведуваше ковид – кризата, а и хидролошките непогодни услови.

Целиот проектот чини околу 20 милиони денари, вклучувајќи ги мостот и пристапната улица. Средствата се обезбедени од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделието и руралниот развој, со учество и кофинансирање од Општината со 18% ДДВ.

Ребека Спасова МНет