Нивото на Брегалница во Штип намалено, вчеравечер достигнало 2,3 метри, а критичното ниво е 2,5 метри

Намалено нивото на река Брегалница. По вчерашните излевања, од утринава нивото е намалено, а критични точки нема. Согласно со мерењата на штипјанецот Киро Маџунаров, вчеравечер нивото било 2,3 м, а критичното ниво е 2,5 м. Денес е нешто пониска, а максимумот со кој Брегалница му се има закането на градот под Исарот е над 4 метри.

„Вчерашните утрински мерења беа 196 цм, значи помалку од 2 метра. Во 13:00 часот гледав дека Брегалница доаѓа. Измерив и имаше 226 цм. Меѓутоа, видов дека сѐ уште доаѓа и почнав да се интересирам кога и се дигна фама околу Брегалница. Се симнав во ноќните часови, околу 21:00 часот видов дека изнесува 230 цм. Моите податоци зборуваат дека за регионот критични податоци, односно критична висина на река Брегалница е околу 2,5 метри. Меѓутоа, слушав дека делови од градот се поплавени, што значи дека ерозијата си го прави своето. На 2 метри и 30 цм веќе поплавува. Инаку, во 2013 година беше оној педесетгодишен максимум од 413 цм, што беше онаа катастрофална поплава. Е, сега, од кои причини се? Сигурно, како резултат на врнежите“, вели Маџунаров.

Во текот на вчерашниот ден, пак, имаше мало излевање на пешачката патека, што сега е повлечено. Надлежните, сепак, напоменаа дека се подготвени во случај на нови излевања.

„Нема посериозна материјална штета. Станува збор за вообичаено излевање на река Брегалница во овој период од годината. Екипите на ЈП „Исар“ добија насока за полнење вреќи со песок за евентуално реагирање и спречување на излевање на река Брегалница, така што можам да заклучам дека состојбата е стабилна“, информираше градоначалникот на Штип, Иван Јорданов.

Инаку, иако оваа година многумина ја карактеризираат како сушна, Маџунаров вели дека количеството врнежи е нормално за ова подрачје и е согласно со просекот кој неговите мерења го покажуваат. Во 2000 и во 2011 наврнало најмало количество, а во 2014 најголемо.

„Гледајќи ги податоците, првите три месеца имало 200 л/м2 врнежи. Од април од септември има само 130 л/м2. Во јули месец имаше 1 л/м2, во мај имаше околу 30 – 40 л/м2. Значи, за шест месеца имало околу 20 л/м2 врнежи. Овие последните три месеца, октомври, ноември и декември, има 200 л/м2. Значи, вкупно околу 530 л/м2. Мојот просек е дека за 25 години имам извадено 506 л/м2 врнежи. Овде е карактеристично да се споменат максимумот и минимумот. Минимумот изнесува околу 310 л/м2, а максимумот беше 790 л/м2“, додава Маџунаров.

Маџунаров во својата мерна станица во Ново Село мери и прибира податоци уште од 1993 година, а вели дека и претходно се мерело во истата.

Ребека Спасова