Осми декември – државен празник: Колку сме доследни на Климентовиот аманет?

Денес се празнува и одбележува ликот и делото на една од стожерните личности за македонската писменост. Свети Климент Охридски-Чудотворец е заштитник на градот Охрид и на целиот македонски народ, патрон на Македонската православна црква- Охридска архиепископија и најпознатиот меѓу повеќето ученици на светите браќа Кирил и Методиј. Тој остана во споменот на народот со својата просветителска дејност, што ја покажува важноста на неговите лик и дело.

„Сметам дека сме многу доследни зато што еве дали нешто и да прочитаме или кога и да се појавиме и во црква го имаме како светец свети Климент, а дури некои училишта, некои улици го носат неговото име. Затоа сметам дека во огромен број го величиме неговото дело и име“ – кажа професорката Митев.

Токму неговата улога на просветител и апологет на христијанството го прави значајно и неговото чествување, додава професорката, Наташа Митев, со што се поставува прашањето колку ние одговараме на тој предизвик. Според неа, јасно е дека го немаме заборавено, но секогаш може да се направи уште повеќе.

„Според мене сметам дека тој е на врвот заради тоа што тој го ширел христијанството односно го ширел и просветителството во периодот кој живеел, бидејќи за некои немаме веродостојни податоци точно во кој период живеел, но сметам дека некаде во втората половина на девети век дека тој толку многу вложил едноставно да описмене толку многу народ“ – додаде Митев.

Климент Охридски не изостанува зад другите важни светители од времето на почетоците на македонската писменост. Токму затоа кратко по неговата смрт, во 916. година бил прогласен за светец, а оваа година е 15. по ред од кога се празнува како државен празник.

Ребека Спасова М-Нет