И Општина Штип без ингеренции за реконструкција на куќата на Панче Караѓозов

Откако пред неколку дена се отвори темата за куќата на Панче Караѓозов која се наоѓа во Ново село во Општина Штип, дел од засегнатите страни дадоа свој коментар во врска со истата. Имено, граѓаните велат под итно да се реконструира, надлежните велат не е под нивна ингеренција. Од Општина Штип во четвртокот истакнаа дека се уште немаат информации во врска со оваа куќа и дека дополнително ќе не информираат. Утринава градоначалникот Јорданов посочи дека и Општина Штип нема ингеренции за реконструкција на оваа куќа меѓутоа дека ќе се залага за во иднина да се промени сегашната слика за куќата во која некогаш живеел познатиот доктор хирург Панче Караѓозов.

„Ова прашање мене личн ме засега бидејќи јас живеам во Ново Село и ако некој сака да се реши овој проблем верувајте јас имам уште поголема желба конечно да се најде решение на овој проблем, со застарените, руинирани, паднати куќи кои се под заштита на Културното наследство и малку постапката за реконструкција и обнова е поразлична од вообичаената постапка за останатиот дел од градот. Овде имаме административни, бирократски пречки кои што најпрво мора да ги отклонеме. За конкретниот случај за куќата на Панче Караѓозов станува збор за куќа која не е под сопственост на Општина Штип, се води под државен имот, а дел на приватна сопственост што значи ние како Општина Штип можеме да бидеме само еден медијатор и логистичка поддршка да се најде решение на овој проблем“ – кажа Јорданов.

Јорданов вети изнаоѓање на решение не само за куќата на Панче Караѓозов туку и за сите паднати и руинирани куќи, кои можат под покровителство или на Општина Штип или на другите институции, на приватни сопственици да бидат реконструирани и да го добијат вистинскиот сјај предложен од општината, а усогласен со Законските регулативи. Куќата на Панче Караѓозов подолго време стои во лоша состојба, претходно во неа се згрижувале социјални семејства, а сега е пред рапраѓање.

Лаура Стојанова М-Нет