Дали и колку е функционален возниот парк во ТППЕ Штип?

Една од најзначајните институции во Општина Штип, Територијалната противпожарна едница Штип, повторно во центарот на вниманието. Со промената на Власта не се решија и проблемите. Според поранешниот пожарникар, Александар Георгиевски, возниот ред во оваа институција е во катастрофална состојба. Откако тој тоа го посочи на социјалните мрежи го искажа и пред објективот на нашата камера. Вели, случајна посета на старите негови колеги отворила тема на која сериозно треба да се работи. Според него пет од шест возила во ТППЕ Штип не се во функционалана состојба, со што и граѓаните и градот се ставаат во опасност.

„Возилото со кое пред некој ден го снимав командирот како се развозува низ градот е единствено возило кое влегува во место каде што камионот не може да влезе. Во тоа возило кап – системот не работи повеќе од три месеца. Да речеме, новите возила кои претходната Влада ги обезбеди за ТППЕ се во катастрофална состојба. Повеќе од шест месеци не работи ротацијата, десното вито не работи цела година. Еве, јас зборував со луѓето таму и истото е експресно однесено на поправка во четвртокот откако обелоденив. Имаме ФАП возило на кое пумпата не работи. Имаме „застава“ возило, 100% нефункционално, регистрирано пред три – четири месеци, еднаш – двапати излезено со него и расипано. Има друга „застава“ џип, 100% нефункционално. Има „сканија“, возило кое ни го донираа англичаните пред десет години и неговата пумпа е пукната. Дневно по еден и пол тон вода истекува и никој ништо не презема повеќе од седум месеци, што е иронично оти се апелира да ја штедиме водата“, рече Георгиевски.

Командирот на ТППЕ Штип, Тони Атанасов, го демантираше кажаното. Во телефонски разговор за М-Нет телевизија тој кажа дека одговорно тврди оти возилата се исправни.

„ТППЕ Штип располага со вкупно пет возила. Тоа се противпожарни цистерни и едно теренско возило. Од нив, едното возило, тоа е „застава“ која е е и најстара, во моментов не е во функција. Останатите четири возила, ДАФ 45 – возилото, ДАФ 55 – возилотот, СКАНИЈА – возилото, ФАП – возилото и АМОРОК – теренското возило, се во потполна кондиција и со нив работиме. Работевме со нив кога беше пожарот на 13. во с. Радање. Одоговорно тврдам дека возниот парк во ТППЕ Штип е функционален“, демантираше Атанасов.

Георгиевски упати апел до новиот градоначалник на Општина Штип, Иван Јорданов, да направи увид во оваа институција, бидејќи ситуацијата е алармантна. Јорданов, пак, истакна дека е формирана комисија и ќе се направи увид во работата на ТППЕ Штип.

„Веднаш после преземањето на функцијата градоначалник, до мене допреа информации за одредена состојба во ТППЕ Штип. Јас веќе формирав комисија којашто ќе има задача да ја утврди состојбата и со возилата, но и со функционирањето на противпожарната единица. Доколку се утврдат недоследности и неодговорно функционирање, по истото ќе се постапи. Сепак, за детални информации во однос на состојбата со возилата, во однос на функционирањето со досегашната едница и други недоследности, ќе можеме информација во јавност да проследиме во наредните денови“, одговори Јорданов.

Јорданов додаде дека и неговото предизборно ветување за подобрување на условите за работа во ТППЕ Штип во иднина ќе бидат реализирани.

Лаура Стојанова МНет