
Македонската армија е една од петте кои ќе имаат можност да учат и соработуваат со американски војници. Во периодов кој следи, припадници на Лесната пешадиска баталјонска група во Штип и на Инженерискиот баталјон ќе се обучуваат со американски војници од 4. Бригада за асистенција на безбедносните сили.
„Ова е првпат американската армија да ја искористи спомената бригада за поддршка на безбедносните сили во Европа. И не е случајно што една од петте земји коишто ја добиваме оваа поддршка е токму Северна Македонија. Сакам да ја изразам и мојата благодарност и чувство на гордост што токму Северна Македонија ја доби оваа шанса да учи од најдобрите, да соработува со најсилните“, истакна Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.
Шекеринска напомена дека знаењето ќе го добијат од тренирана, вежбана и обучена бригада. А заедно со Амбасадорката на САД во РСМ, Кејт Мери Брнз, беа согласни дека ваквата повеќегодишна меѓусебна соработка придонесува за зголемена интероперативност и успех.
„Повеќе од две децении, Соединетите Американски Држави се посветени во поддржувањето на Северна Македонија во модернизирање и развивање на нејзината армија со цел да биде поспособна и поинтероперативна со силите на САД и НАТО. Националната гарда на Вермонт се обучува и се распоредува заедно со вашите војници веќе 28 години. Покрај финансирањето на модернизацијата на опремата, САД има испратено илјадници офицери и цивили од Северна Македонија во нашите воени училишта. Тој тип на учење и обука лично и едни покрај други, како што е случајот и со тимот за поддршка на безбедносните сили денес тука, значително придонесува за зголемена интероперативност и успех“, истакна амбасадорката Брнз.
Амбасадорката ги охрабри нивните војници да ја истражат земјата, храната, луѓето и природата. А Министерката Шекеринска упати порака до припадниците на нашите единици да бидат отворени и да покажат дека имаме убава земја, вештина и храброст. И двете заклучија дека ваквата македонско – американска соработка има придонес во исполнување на Целите на способности на НАТО Алијансата.
Ребека Спасова МНет