Недоразбирањата во штипскиот театар од пред речиси три месеца не стивнуваат. Во текот на вчерашниот ден стигнале и до полициска станица, за што актерот Владимир Тулиев информираше на својот фејсбук профил. Веднаш потоа и директорот Горан Трајков својот став го изнесе на ист начин. Малтретирањата, велат и двајцата, не се за првпат, но одговор на прашањето „Кој кого малтретирал?“ од полициската станица нема.
„По петнаесет минути влезе една од актерките и почна да вика, а на истата ѝ беше речено дека доколку продолжи да вика и недолично се однесува кон мене и воопшто кон другите ќе ѝ биде повикана полиција. Вработената и понатаму продолжи хистерично да вика и јас се упатив кон полицијата, на влезот на театарот бев пречекан од нејзиниот сопруг, кој со најдрски зборови ми се закануваше и тргна кон мене со цел да ме спречи да отидам во полиција. Истиот ме фати за палтото и почна да ме влече кон него и проба неколкупати да ме удри во стомакот, јас се спротивставив и режисерот истрча од внатре и го отргна од мене. Јас продолжив кон полицијата, а по патот ме следеше лице кое ми е познато и тргна да ме следи сè до влезот на полицијата. Ова лице претходно стоеше со напаѓачот пред театарот. Јас влегов и целиот случај го пријавив во полицијата. Овој инцидент не е прв – актерите да се претставуваат како жртви кога треба да работат и да си ја изработат својата плата, со рака на срце, поединци, а не сите.“ – напиша Трајков.
По ваквата изјава, ситуацијата од друга страна ја изнесе и актерот Владимир Тулиев. Тој вели дека директорот веќе долго време ги малтретира и напаѓа актерите, што прераснало и во закани, а поради што веќе не личи дека се дом на култура. За ваквата ситуација најави и прес – конференција на која актерите ќе зборуваат за она за кое веќе некое време молчеле.
„Целиот ансамбл е засегнат, не само јас. Апсурдно е она што се случува. Ние немаме репертоар затоа што тој ги трга претставите од репертоар, а од друга страна ги напаѓа актерите дека примаат високи плати, а не креираат репертоар. Меѓутоа, актерите не се надлежни за тоа, репертоарот го прават директорот и уметничкиот директор. Ние се потрудивме да направиме две комедии во време на пандемија и имавме четири премиери, но пред премиерите имавме големи притисоци. Тој на колегите им се заканува и со откази, а овие напади и малтретирања мора да престанат!“ – рече Тулиев во телефонскиот разговор за МНет.
За вчерашните пријави од полициската станица не дадоа конкретен одговор за тоа што се случувало, потенцирајќи дека сè уште го разгледуваат случајот
„Известени сме за случајот. Има пријава до СВР Штип и сме запознаени со случувањата. Постапуваме по пријавите и по разгледување на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава согласно пријавите.“ – информираше портпаролот на СВР Штип, Гордана Панајотова.
Ребека Спасова МНет
