Вечерва стрелките на часовникот се поместуваат за еден час наназад

Од вечерва стрелките на часовникот се враќаат за еден час наназад. И покрај најавите дека времето веќе нема да се менува и нема да има летно и зимско сметање на истото, согласно практиката од вечерва започнува зимското сметање. Во 3:00 часот по полноќ времето ќе се смета како 2:00 часот. Часот кој поради поместувањето се појавува два пати помеѓу 02:00 и 03:00 часот првиот пат се означува како час 2А, а вториот пат како час 2Б.

За ваквата практика, за мислење ги прашавме штипјани. Мислењето е поделено, но, главно, повеќето од анкетираните велат дека промената не влијае на нивното секојдневние. Сепак,  сметаат дека нема потреба од зимно и летно сметање на времето.

„Досега ми нема сметано, промената си е промена, часот си е час. Само летно или зимско нека остане како во источните земји.“

„Промената на часовникот воопшто не зависи од биоритамот на човекот. Воопшто не влева некоја доверба дека со час повеќе или помалку ќе има некои промени. Промената треба да ја бараме во ставот на луѓето, во колку часот стануваат, колку се одговорни сами за себе и за градот. Кога сето тоа ќе се гледа, само спонтано ќе прашаме колку е часот и нема нешто особено да ни значи. Инаку, јас сум пензионер и не можам да приметам никакви промени. Мислам дека треба да се израмни, да биде само едното, да нема промени.“

„Мислам дека треба како и во другите земји само едно сметање на времето оти промената влијае. Саатот е многу важен.“

„За нас е исто и да го променат и да не го променуваат. Мене не ми смета ништо.“

„Треба да се промени, па сега зависи од луѓето. Инаку, утрото е темно кога работниците одат на работа. Треба да се промени, според мене треба.“

Инаку, промената на времето се практикува од 1996 година. Меѓутоа, ЕУ оваа година го укина поместувањето на стрелките на часовникот, а секоја членка ќе одбере дали ќе остане на зимското или летното сметање на времето.

Ребека Спасова МНет