Според штипјани, ако се покачи цената на струјата, кај нив ќе има исклучиво негативно влијание

Откако се појави дилемата дали државата ќе биде снабдена со доволно електрична енергија, Владата и енергетските компании излегоа со различни мислења. Имено, од МЕПСО истакнаа дека се троши двапати повеќе струја отколку што се произведува. Од ЕСМ, пак, со спротивно тврдење, производството е стабилно, велат од таму, и компанијата во целост ги испорачува потребните количини електрична енергија. А ситуацијата ја смири и Министерот за економија, Крешник Бектеши, кој истакна дека во државата ниту има енергетска криза, ниту тој ќе прогласи кризна состојба. Па посочи дека барем до крајот на годината е сигурно дека нема да се доведе во прашање ниту цената, ниту воведувањето рестрикции. За тоа какво влијание ќе имаат ваквите мерки ако би биле ставени во практика ги прашавме граѓаните на Штип. Од оние кои ги анкетиравме, повеќето се согласни дека во секој случај, покачувањето на цената на струјата би оставило негативни последици врз нивното секојдневие, но и врз цените на другите производи.

„Нормално дека ќе ни влијае, ние немаме големи пензии или плати.“

„Покачувањето на струјата повлекува секакво друго покачување. Ако се покачи струјата, сите други производи ќе се покачат оти фабриките работат на струја. Меѓутоа, најавуваат дека до Нова Година нема да се покачи.“

„Страшно нешто. Ние и онака не можеме да излеземе на крај, многу е. Сè е скапо, сè се покачува.“

Во однос на прашањето ограничувања или покачена цена, штипјани не се ниту за едното, ниту за другото. Дел од нив сметаат дека ограничувања во никој случај не се полезни, но и покачувањето на цената треба да биде во границите на нормалата.

„Подобро да се покачи отколку да ја исклучуваат.“

„Па и да се покачи, да не е многу, треба да е некое пристојно покачување.“

Во меѓувреме, се активираат и сите домашни ресурси за производство на електрична енергија за потребите на граѓаните. Од денеска во функција е и вториот блок во РЕК Битола, а следната недела се очекува да се пушти во употреба и ТЕЦ Неготино. Најава за отворање од први ноември има и за хидроелектраната Маврово, а за од средината на идниот месец и на РЕК Осломеј, кој сега се сервисира. Од Владата гарантираат дека ќе ги преземат сите потребни мерки за да нема ценовен шок.

Ребека Спасова МНет