
Расте бројот на новопримени пациенти во штипската Клиничка болница. Во последните 24 часа новопримени се шест лица, а испишани само двајца. Со ова бројката на хоспитализирани се искачи на 51 од кои 43 во модуларната ковид – болница и 8 на Кожното одделение кое работи како ковид – оддел. На дневно лекување се осум пациенти. Од вкупната бројка на хоспитализирани 36 се на кислородна поддршка, а вакцинирани се 14 пациенти. Нема регистрирано починати лица, додека слободни се само пет кревети за ковид – пациентите, три во модуларната ковид – болница и две на Кожното одделение, информираше портпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска.
Во кочанската болница хоспитализирани се 17 ковид – пациенти на Интерното одделение. кое работи како ковид – оддел. Во последното деноноќие новопримени се двајца пациенти, а исто толку се и испишани. Од хоспитализираните, пет се на кислородна поддршка, а девет лица се вакцинирани. После подолго време регистрирано е и едно починато лице во кочанската болница, информираат од таму. Слободни се десет кревети за ковид – лицата.
Во општините од Истокот во моментов активни се 516 ковид – пациенти, најмногу во Штип – 202 и во Кочани – 145. Во останатите општини бројката е двоцифрена. Најмалку активни пациенти има во Пехчево, односно само три лица.
Според информации од Министерството за здравство заклучно со вчера во земјата се направени вкупно 1.354.533 тестирања на КОВИД-19.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 198.646, бројката на оздравени пациенти е 185.660, на починати е 7.012, а бројот на активни случаи изнесува 5.974.
Лаура Стојанова МНет