Од денес започнува скринингот на учениците во училиштата низ државата. Меѓутоа, ваквиот процес ќе се спроведе во девет средни училишта во Скопје, а во Штип сè уште се собираат согласности.
„Кај нас процесот нема да започне денес. Ние сè уште собираме согласности од родителите за да спроведеме скрининг. Поради таа причина и немаме, односно не знаеме точен број за тоа колку деца би биле тестирани.“ – информираше раководителката на сектор образование, Билјана Казанџиска.
Во врска со процесот,повеќето од граѓаните кои ги анкетираше екипата на МНет се согласни за реализација на истиот. Сметаат дека тоа би придонело за поголема заштита и во училиштата, а меѓу другото и за родителите и блиските во семејството. Од таа причина ако од нив се бара согласност за тестирање на ученик, тие би дале. Сепак, има и некои кои не би го сториле истото.
„Мислам дека е во ред. Тоа е од полза и за учениците и за наставниците, па и за нивните родители. Јас би дала согласност за спроведување скрининг ако има потреба“, вели штипјанка.
Поради повеќето асимптоматски случаи, дел од граѓаните рекоа дека се и за целосно тестирање на сите ученици, а не само на неколку по случен избор.
„Можеби, ова сега е некој пилот – модел, а јас сум и за целосно тестирање на сите. Така ќе си знаат сите на што се и дали има некој заразен. И епидемолозите велат дека кај младите вирусот е повеќе асимптоматски“, додаваат штипјани.
Министерството за здравство информираше дека со скринингот ќе бидат опфатени 8 178 ученици од 364 основни и 109 средни училишта. Со тоа, според надлежните, ќе се овозможи побезбедно одвивање на наставата како и поголема заштита на здравјето на учениците. Скринингот ќе се спроведе со брзи антигенски тестови, а засега не е планирано да се спроведе скрининг и во градинките.
Ребека Спасова МНет
