Маричиќ: Граѓаните во голема мера го користат бесшалтерскиот систем, процесот тече одлично!

Бесшалтерскиот систем за издавање потврда за неосудуваност функционира одлично, одговори Министерот за правда, Бојан Маричиќ на новинарското прашање. По презентацијата на првите електронски документи создадени согласно закон, кои ги издава судската власт, тој дополни дека веќе имаат повеќе барања низ судовите во државата.

„Идејата е дигитално, електронски, преку телефон или компјутер секој да може за неколку минути да извади потврда од казнената евиденција или популарно кажано, потврда за неосудуваност. Тоа веќе се случува, ние имаме веќе десетици, па и стотици барања во државата. Првите денови процесот тече одлично и тие веќе се издаваат на тој начин. Нов е системот, ќе видиме дали ќе има некои пречки на самиот почеток. Меѓутоа, сега за сега и ажурирањето на податоците во базата на Врховен суд и издавањето на овие потврди оди без проблем“, потенцираше Маричиќ.

Со ова заминуваат во историја постапките за вадење на потврди од казнена евиденција во хартиена форма за кои беше задолжително физичко присуство во надлежниот суд според местото на раѓање.

Потврдата ќе биде со код, а ќе може да се издаде со неколку лесни чекори во рок од најмногу три минути.

Како што и претходно наведе Министерот, ова би требало да е само почеток на дигитализацијата на судството, а ќе се дигитализира издавањето и на други документи.

Ребека Спасова МНет