Пријавени 80 болни и изнемоштени лица за гласање во ОИК Штип, рокот завршува на полноќ

Вечерва на полноќ истекува рокот за пријавување на болните и изнемоштени лица до Општинските изборни комисии за гласање на претстојните Локани избори. Во Општинска изборна комисија на неколку часа пред истекот на рокот има пријавено околу 80 болни и изнемоштени лица, истакна претседателот на ОИК, Виктор Вацев.

„Во ОИК Штип до моментот имаме пријавено 80 лица кои што не можат да го остварат своето право на глас во недела на 17 октомври, односно тоа се лица кои што ќе гласаат во домашни услови“ – кажа Вацев.

Мал е и бројот на пријавени лица кои се во изолација, а сакаат да го остварат своето демократско прво на глас. Меѓутоа, нивниот рок за пријавување е до 11 октомври.

„Во моментот имаме само пет поднесени такви пријави за лица кои што се во изолација“ – додаде Вацев.

Болните и немоќни лица ќе гласаат во домашни услови, исто како и ковид лицата. Затворениците, лицата во притвор, во стaрските домови и внатрешно-раселените лица гласаат ден претходно, во сабота на 16 октомври, а за нив за утврдување на идентитетот и проверката дали веќе гласале нема да се врши со уреди за биометриска идентификација, туку за нив ќе користи спреј и УВ ламба.

Гласањето на лицата со Ковид-19 или во самоизолација го спроведува посебен избирачки одбор составен од здравствени работници. Предвидено е Општинската изборна комисија по службена должност да собере податоци од Државниот санитарен и здравствен инспекторат за лица кои се пријавени за гласање. ДСЗИ е должен во рок од 24 часа од добиеното барање да ги достави до ОИК податоците за лицата пријавени со Ковид-19 или во самоизолација.

Лаура Стојанова М-Нет