77% од хоспитализираните ковид пациенти во Штип и Кочани се на кислородна поддршка

Без драстични промени во ковид болниците во Кочани и Штип. Бројот на лица кои имаат потреба од болничко лекување речиси идентичен како и претходниот ден. Во штипската болница хоспитализирани се 33 пациенти во модуларната ковид болница. Во последните 24 часа новопримени се двајца пациенти, а исто толку се испишани. Од хоспитализирани 28 се на кислородна поддршка, а вакцинирани се 13 лица. Едно лице на 69 годишна возраст од Штип  ја изгубило битката со невидливиот непријател во штипската болница. Моментално слободни се 12 кревети во модулараната болница и шест на Кожното одделение кое работи како ковид оддел, информираше портпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска.

Во кочанската болница потреба од болничко лекување имаат десет пациенти, од кои пет се на кислородна поддршка, а шест се вакцинирани. Во последното деноноќие примено е едно ново лице, а едно е и испишано. Слободни се 17 кревети на интерното одделение кое работи како Ковид оддел, информираат од кочанската болница.

Во општините од Истокот активни се 594 ковид случаи од кои најмногу во Штип 234, а најмалку во Пехчево само четири пациенти.

Според информации од Министерството за здравство заклучно со вчера во земјата се направени вкупно 1.308.188 тестирања на Ковид-19.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 193.458 бројката на оздравени пациенти е 175.881, на починати е 6.758, а бројот на активни случаи изнесува 10.819.

Лаура Стојанова М-Нет