Николов: Целта е Штип да биде јаглеродно неутрален град

Штип да биде јаглеродно неутрален град е целта на кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ, Сашко Николов. Денеска тој истакна дека со низа проекти ќе се намалат емисиите на штетни гасови во атмосферата со што ќе се подобри квалитетот на воздух во грејната сезона и ќе се намалат ефектите од летните горештини.

„За таа цел финансиски ќе поддржиме поставување на енергетско ефикасни фасади на зградите во населбите „Баби“, „Сењак 1, 2, 3, 4“ „Осми ноември“ „Автокоманда“ и сите оние станбени единици во централното градско подрачје. Исто така ќе кофинансираме поставување на хибридни енергетски системи на иднивидуални објекти за домување во населбите со поголем сончев режим. Ќе финансираме замени на грејни тела на дрва со уреди со помал негативен ефет врз животната средина за жителите кои веќе имаат поставено енергетско ефикасни фасади. Во соработка со ЈП „Национални шуми“ и ЈП „Исар“ ќе извршиме пошумување на околните места со соодветна шумска вегетација, а по парковите ќе засадиме растенија со широки крошни“ – додаде Николов.

Чист и зелен град, зелена агенда како врвен приоритет, брз локален економски развој и инфраструкторни инвестиции  е најдобрата понуда на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Затоа Николов ја побара довербата на граѓаните на 17 октомври.

Лаура Стојанова М-Нет