Повеќе буџет за спортот и спортските активности во Штип предвидоа од коалицијата ДОМ – ЛДП

Подобра распределба на буџетот за спорт во Штип предвидоа денес од коалицијата ДОМ – ЛДП. Носителот на советничката листа, Мартин Каровски, на денешната прес – конференција наведе низа ставки со кој тие предвидуваат развој на спортот во Штип

„Штип е спортски град со спортски успеси и спортисти од светски ранг, освојувачи на европски и светски првенства и олимпијци. Општинскиот буџет за спорт е неправедно поделен за повеќето спортски клубови, па така клубови кои имаат европски и светски медали едвај собираат пари за котизација. Штипските спортски клубови се сиромашни и повеќето немаат професионални договори со повеќето спортисти, па кога нивните најквалитетни членови ќе заминат во професионален клуб, штипските клубови кои ги создале македонските спортски ѕвезди не добиваат ниту денар. Предвидуваме поголема и пофер распределба на буџетот за спорт, формирање на општински фонд за спорт, во кој ќе влегуваат пари од општинскиот буџет за спорт, но и од компании и спонзори, што ќе ја подобри финансиската состојба на самите клубови. Ќе ја мотивираме бизнис заедницата да се вклучи во финансирањето на клубовите и да ги искористи законските бенефити од тоа“, истакна Каровски.

Тој дополни дека Штип како град на спортските легенди не смее да има сиромашен спорт, што ќе биде подобрено со нивните реформи.

Ребека Спасова МНет