Во Кочани нема интерес за трета доза вакцина, во Штип не работи системот, во Делчево ревакцината е во јули

Од денеска трета доза вакцина ќе примаат повозрасните пациенти, лица со хронични заболувања и медицинскиот персонал. Ова како одлука беше донесено и соопштено од страна на Министерството за здравство, а услов е да се поминати шест месеци од втората вакцина. Во општините од Истокот заинтересираноста за примање трета доза вакцина е различен. Ако во Кочани интерес и нема, во Штип не работи системот, а во Делчево бидејќи поголемиот број од граѓаните се вакцинирани со „АстраЗенека“, втора доза примиле во месец јули.

Во Здравствениот дом „Панче Караѓозов“ во Штип заинтересираност има, истакна координаторката за вакцинација, Дијана Коцева – Миланова, меѓутоа имало проблеми со системот, па денеска не се вакцинирало со трета доза. Во меѓувреме, со прва доза дневно се вакцинираат од 50 до 100 граѓани, а за ревакцина денеска се пријавени нешто помалку од 90 лица.

Во Кочани нема интерес за трета доза вакцина, вели доктор Иле Постолов. Вакцинирани со прва доза се околу 40 пациенти, а ревакцинирани околу 160 граѓани. Достапни вакцини се „Синовак“, „АстраЗенека“ и „Фајзер“.

За Општина Делчево вакцинација е задоволителна, а во Македонска Каменица вакцинирани се помал број граѓани. Меѓутоа, има села каде што интересот е многу мал.

„Сега четврток и петок направивме теренска вакцина и денеска, интересно е да кажам дека имаме нула пациенти по селата. Нема заинтересираност, дали се вакцинирани, дали се немарни, дали се работи за антиваксери, меѓутоа во Разловци веќе имавме нула пациенти, во Тработивиште нула, во Македонска Каменица во Саса нула.“ – кажа Марија Глигорова.

Според информации од Министерството за здравство, вакцинирани со прва доза вакцина се околу еден милион и 500 илјади граѓани.

Ребека Спасова МНет