Вакцинирани 43% од населението во Штип, од понеделник ќе се аплицира и трета доза

Од понеделник почнува апликацијата на трета доза вакцина и на вакциналниот пункт во Штип, во Здравствениот дом „Панче Караѓозов“. Оваа доза предвидено е да се прими по шест месеци од втората доза, па граѓаните ќе бидат известени преку системот на Мој термин.

„Во пунктот веќе доаѓаат граѓани и прашуваат за тоа кога ќе можат да примат трета доза. Меѓутоа, како информација имунизацијата ќе се врши од понеделник. Со тоа што од системот на Мој термин ќе бидат исцрпени податоците за тоа кај кои граѓани има поминато шест месеци од втората доза, ќе добијат пораки преку мобилен телефон и ќе бидат имунизирани. Засега е предвидено апликација на трета доза кај сите пациенти над 60 години, кај имунокомпромитирани пациенти, пациенти на дијализа, трансплантирани пациенти и здравствени работници без оглед на возраста“, вели координаторката.

Вакцинацијата со прва и втора доза се одвива со релативно намалено темпо. Меѓутоа, причината е, вели координаторката, зашто е исцрпен бројот на граѓани, а вакцинирани се 43% од населението во Штип.

Во тек е и спроведување на втора фаза од теренската вакцинација. Меѓутоа, повеќето од граѓаните во околните населени места веќе се вакцинирани во првата фаза или дошле на пунктот.

На територија на цела држава барем една доза вакцина примиле 778.408 граѓани.

Ребека Спасова МНет