Ковид-19: Четири починати лица во Штип, на кислородна поддршка се 83% од хоспитализираните

Четири починати лица во последните 24 часа регистрирани во статистиката на штипската болница. Починатите се над 60 години. Еден од Штип на 66 годишна возраст, еден од Кочани на 82 годишна возраст, еден од с. Лешки, кочанско, на 89 годишна возраст и еден од с. Подареш, радовишко, на 66 годишна возраст. Оздравени и испишани се двајца пациенти, но регистрирани се шест нови приеми. Направени се 54 амбулантски прегледи, а на крајот на денот хоспитализирани се 41 пациент. Од нив, 38 во модуларната болница, а тројца на Кожното одделение. 34 пациенти се со потешка клиничка слика и се на кислородна поддршка, а вакцинирани се 12 пациенти. Слободни се осум места во модуларната ковид – болница и седум на Кожното одделение, информира портпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска.

Во кочанската болница, пак, хоспитализирани се осум пациенти на Интерното одделение кое работи како ковид – оддел. Половина од нив, односно четворица пациенти се на кислородна поддршка, а вакцинирани се тројца пациенти. Испишани се двајца, а примен е еден нов пациент. Починати нема. Слободни се 19 места, информираат од болницата.

На територија на цела држава бројот на нови случаи е речиси идентичен како вчера, регистрирани се 525 од направени 3.858 тестирања. Од нив, 25 во Штип, десет во Кочани, два во Берово и по еден во Виница и Пробиштип.

Починати се 24 лица, сите во болнички услови.

Регистрирани се и 449 оздравени пациенти, 20 во Штип, деветмина во Кочани и двајца во Виница.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 189.159, бројката на оздравени пациенти е 170.395, на починати е 6.557, а бројот на активни случаи изнесува 12.207.

Ребека Спасова МНет