Позитивни ученици во три училишта во Штип, Кочани и Делчево – засега безбедни

Во училиштата во Источниот регион активирана локална трансмисија на Ковид – 19. Во Штип има 32 позитивни ученика, а 80 се во изолација. Заразените се од основните училишта, „Тошо Арсов“ и „Димитар Влахов“, како и од средното училиште „Коле Нехтенин“. Во Кочани позитивни се 2 ученика, а во изолација се еден наставник и 40 ученика. Еден позитивен наставник има и во Делчево, каде во изолација се и двајца други вработени во училиштето. Податоците се заклучно со вчера, а по денешните тестирања се очекува да се зголеми бројот на ученици во изолација.

 И покрај ваквите статистики на Центарот за јавно здравје, од Општината велат дека ситуацијата се следи, а во училиштата се почитуваат препораките за заштита.

„Ние како Општина секојдневно ја следиме ситуацијата и во основните и во средните училишта, формиравме работна група која за време на големите одмори, претпладне и попладне врши контрола во училиштата. Дали се следат протоколите, дали се почитуваат препораките од Комисијата за заразни болести… Досега според кажувањата на нашата Комисија, сè е во најдобар ред, секое училиште ги почитува протоколите, се мери температура, има посебен влез и излез, така што контактите помеѓу учениците се сведени на минимум“, истакна Билјана Казанџиска, Советник за образование во Општина Штип

На прашањето за позитивни ученици и наставници Казанџиска додаде дека таквите податоци треба да се побараат во ЦЈЗ, а тие ќе постапуваат согласно дадените насоки од таму. Претходно во училиштата во Штип бројот на заразени ученици и наставници беше мал, а првата паралелка која почна да следи онлајн настава само една недела по почетокот на училишната година беше во основното училиште „Ванчо Прке“.

Ребека Спасова МНет