Услугата е-сметки на ЈП „Исар“ веќе ја користат 7000 домаќинства, постапката – едноставна

Воведената услуга е-сметки за вода од ЈП „Исар“ ја оценија како ефективна и ефикасна. Процесот е едноставен, велат од таму, а бенефитите и за граѓаните и за претпријатието се очигледни. Доставата на сметките по електронски пат започна вчера, но начинот на електронско плаќање одамна е во функција.

„Воведуваме нов начин на функционирање на ЈП „Исар“ со тоа сметките коишто досега беа во хартиена верзија веќе ќе имате можност да ги добивате преку електронска пошта. Тоа значи дека согледувајќи ја целата моментална ситуација, пандемија и вируси, како и ангажираност на самите луѓе, нашите стручни лица се погрижија да го изнајдат овој начин за тоа како можете и вие полесно да си ги подмирите вашите обврски кон ЈП „Исар“, така и ние да бидеме поприсутни во вашите домови, поедноставни“, истакна директорот Коцев.

„Системот ќе функционира на тој начин што на нашата веб-страна www.jpisar.com.mk ќе има дел за регистрација на корисниците. Ќе се состои во шифра на корисник која ја има на самата сметка, ќе треба да се внесе број на фактура и е-маил адреса на корисникот. Тој ќе добие потврда на е-маил адресата дека е успешно регистриран. Со тоа се штеди на време, ние како јавно претпријатие штедиме на хартија и побрз е начинот на доставување на фактурите“, објасни Лазар Нацев, информатичар во ЈП „Исар“.

Доколку се регистрирате или веќе сте регистрирани на системот од наредниот месец сметката нема да ја добивате во печатена форма, туку ќе ја имате на вашиот меил. Во ЈП „Исар“ забележани се 14.750 домаќинства, а половина од нив веќе ја користат електронската услуга.

Ребека Спасова МНет