Источниот регион – најпривлечен за странски инвестиции, штипскиот – мета на нови инвестиции и извор на работна сила. Вака претседателот на Владата, Зоран Заев, ја коментираше вчерашната најава на ТИРЗ за нова инвестиција во Штип. Тој посочи дека меѓу другите инвестиции би биле и нови фотонапонски централи и ветерни електрани, кои треба да бидат поставени на претходно предвидениот аеродром во Штип.
„Источниот регион е еден од најподатливите и најпривлечните региони и ќе кажам зошто. Заради тоа што потешка станува работата, пласманот и пазарите за текстилните производи и за кожарските производи. Заради тоа потребата од квалификувана работна сила се повеќе и повеќе може да се најде во источниот регион, којшто традиционално бил текстилен и кожарски. Второ, имаме соодветни локации и во технолошко – индустриските развојни зони и во севкупните индустриски – развојни зони. Јас само ќе кажам дека ако е проекцијата на Владата, во следните неколку години ќе се имплементираат преку 1500 мегавати фотонапонски централи и преку 550 мегавати ветерни електрани“, рече Заев.
Дополнително, вакви фотонапонски централи требало да бидат поставени и на потегот Штип – Радовиш во соработка со турска компанија. Заев дополни дека ваквите инвестиции ќе бидат изведени од домашни компании, а ќе работат граѓани од овој регион.
Поради ваквата оцена за источниот, особено штипскиот регион, најавени се и други домашни и странски инвестиции, за кои веќе договорите се во тек или се планираат во иднина.
Ребека Спасова МНет
