
Вечерва на полноќ завршува рокот за поднесување кандидатури за градоначалник и листа на советници. Во Општинската изборна комисија во Штип до сега листа за советници поднесоа само од политичките партии ТМРО и Левица. ТМРО тоа го стори пред 14 часот во текот на вчерашниот ден, а Левица нешто подоцна, истакна претседателот на ОИК, Виктор Вацев. Општинската изборна комисија во Штип ќе ги чека и другите кандидатури до полноќ, односно ќе има дежурна екипа. Засега нема поднесено кандидатура за градоначалник во Штип.
Следен чекор е разгледување на канидидатурите и овозможување на рок за кандидатите да исправат евентуални неправилности во пријавата. Потоа на 18 септември, Општинските изборни комисии ги доставуваат листите до ДИК по што со ждребка се одредува распоредот на изборното ливче.
Кандидатите за градоначалник и листите за советници на една партија или коалиција добиваат ист реден број во сите општини. Потоа листите ќе бидат објавени на веб – страната на ДИК и огласени од страна на Избирачките одбори.
На 9 септември на полноќ заврши увидот во Избирачкиот список за локалните избори. ДИК соопшти дека вкупно 14.921 лица извршиле увид во Избирачкиот список до завршување на рокот.
Кампањата за локалните избори на 17 октомври започнува на 27 септември, а завршува на 15 октомври на полноќ. Локалните избори ќе се одржуваат со почитување на мерките за превенција од ширење на Ковид-19.
Лаура Стојанова МНет