ВМРО ДПМНЕ: Власта има милост само за „своите“ СДСМ: Се постапува исто за сите!

Пред речиси половина година Општина Штип излезе со известување до граѓаните дека сите нелаглно поставени лимени гаражи, голубарници и други објекти кои се наоѓаат на јавна површини треба да бидат отстранети од истата. Граѓаните се опоменуваа и доколку сами не го отстранеа објектот во рок од 15 дена, тоа го правеше општината, но за граѓаните следуваше казна. Денеска на прес конференција од ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип, истакнаа дека ова важело само за обичните граѓани, а не и за функционерите на владејачката СДСМ.

„Власта пред пет месеци, со извршна наредба ги задолжи граѓаните во најкраток можен рок да ги отстранат гаражите, голубарниците и сите други видови привремени објекти. Но, додека обичните граѓани од „Осми ноевмри“, „Автокоманда“ и центарот на градот мораа да ги отстранат своите објекти, тоа не важеше за оние кои држат високи позиции во СДСМ. Таков е случајот со Претседателот на општинскиот огранок на СДСМ Штип. Истиот, или поради тоа е највисок функционер на СДСМ во Штип, или поради тоа што е раководител во општината, се уште го нема отстрането својот нелегално поставен, привремен објект во населба „Сењак“.“ – истакнаа од ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип.

Од ОО на СДСМ Штип со писмен одговор истакна дека ОК ВМРО-ДПМНЕ Штип се во очај поради сѐ поизвесниот нивен пораз на претстојните локални избори во октомври, но и во недостаток од конкретни програмски цели и решенија за граѓаните.

„Законите и прописите еднакво важат за сите граѓани, факт кој оваа влада и локална самоуправа го покажува континуирано. Така е и во овој случај односно постапката на одстранувате на вакви објекти е стопирана за сите граѓани и во оној момент кога локалната власт ке ја продолжи ќе се постапува согласно насоките.

Ова е еден неуспешен обид за дискреција на политички противник со што јасно се покажува дека со огромни напори опозицијата се обидува да пронајде елементи за оцрнување“ – додадоа од СДСМ.

Лаура Стојанова М-Нет