
Привршуваат базичните подготовки на младите борачи на Балканец кои во најдобар можен ред се одвиваат во одлични услови во прекрасните предели на Берово. Претседателот на Балканец Виктор Богданов е исклучително задоволен од она што се случува во Берово, од дисциплината на борачите во нивното напорно извршување на поставените задачи од тренерите и кон успешното темпирање на нивната форма.


- „ Подготовките се досега успешни, задоволни сме од условите во Берово и од текот на секојдневните обврски. За нас како клуб претстојат големи предизвици за нашите млади борачи пред претстојните тешки меѓународни искушенија. Имено нам, на повеќемина борачи им претстои настап на Балканското првенство за Пионери и Кадети, како и за Медитеранските игри за Младинци. И двете манифестации ќе се одржат во месец октомври и тоа во Грција и затоа неопходно се потребни овие базични подготовки во кои се темпира формата и се развива другарскиот и колективен дух. Покрај младите борачи видливо е и присуството на неколку девојки кои веќе навлегоа во тајните на борењето и допрва се очекува постигнување на добри резултати“ – истакна Претседателот Виктор Богданов. Подготовките во Берово ќе траат до вторник 24 август кога боречката експедиција на Балканец ќе се врати во Штип.
Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk