Евро гол на Владимир Дујовски за „златен“бод на Брегалница против Шкендија

Брегалница и актуелниот шампион Шкендија одиграа исклучително интересен, возбудлив и сосема до крај неизвесен натпревар. Брегалница влезе со респект кон гостинскиот тим со повремени закани преку брзи контра напади. Брегалница во водство дојде во 11 м. со голот што го постигна Алтипармаковски за голема радост на градски и кај играчите и кај навивачите. Ова беше прв прволигашки гол на Брегалница по пауза од 4 сезони. Со овој резултат се отиде на одмор. Во второто полувреме кај Шкендија во игра влегоа Ибраими и Елези и внесоа вистинска паника во редовите на Брегалница. Самиот однос на корнери со резултат 15:2 во корист на Шкендија зборува за нивната голема надмоќност во вториот дел. Веќе во 58 м. Шкендија израмни на 1:1 со автоголот на Азиновиќ а по ударот кој го упати играчот на Шкендија Тимовски. Во екот на најголемата надмоќност на Шкендија, Брегалница бргу постигнува гол за ново водство од 2:1 а стрелец на голот беше Мартин Стојанов во 62 м. Бесарт Ибраими постигна гол за израмнување на резултатот на 2:2 во 82 м. Кога сите на „градски“ очекуваа крај се случија најголемите возбудувања. Најнапред судијата Качевски досуди пенал за Шкендија по играта со рака на Азиновиќ во 89 м. Немаше реакција од играчите на Брегалница што ќе рече дека пеналот беше оправдано досуден. Сигурен реализатор на најстрогата казна од 11 м. беше Љупчо Дориев за водство на Шкендија од 3:2. Во судиското продолжение ја видовме најубавата акција на денешниот натпревар и евро голот на Владимир Дујовски кој од огромна далечина упати вистински проектил и просто ја закова топката во мрежата на немоќниот голман Костадин Захов. Гол за израмнување на резултатот Брегалница – Шкендија 3:3 и за голема радост на „градски“ и за овој освоен„златен“ бод против актуелниот шампион на Македонија.

Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk