Ќе се обештетат земјоделците и сточарите зафатени од пожарите преку Министерството за земјоделство

Преку Министерството за земјоделство ќе се обештетат запалените фарми, плевни, пчеларници и овошни насади. Ова денес го истакна заменик министерот за земјоделство, Трајан Димковски, при посетата на Малешевскиот регион. Тој додаде дека во однос на штетите ќе се преземат ургентни реакции онаму каде што е најпотребно, што е помош која ќе оди преку Владата и државниот буџет. Граѓаните чии фарми, храна за животните, овошни насади, пчеларници беа проголтани од огнените стихии треба да ги пријават своите штети.

Интервенцијата кај сточарската дејност засега има во Делчево, каде посетиле една фарма. Но посетите дополнително ќе се вршат, па согласно тоа ќе се одреди во која општина каква помош е потребна.

Штетите ќе ги утврдуваат вешти лица, па во однос на овоштарниците ќе се имаат предвид сите години на принос. Ќе се доделат и 50% од прифатливите трошоци за инвестицијата. Но како што рече заменик министерот, тоа е дополнителна финансиска поддршка за која треба да се аплицира и да се следат одредени програми. Сепак, главна цел е да се посетат сите земјоделци и сточари и да им се укаже на процесите кои треба да ги преземат за да добијат некакво обештетување.

Ребека Спасова МНет