Фудбал: Во недела во Штип, „генералка“ Брегалница – Силекс

Во пресрет на почетокот на новата прволигашка сезона тимот на Брегалница утре, недела ќе ја има генералната проба. На градскиот стадион во Штип со почеток во 17.30 часот ќе се сретнат новиот прволигаш Брегалница и новиот второлигаш тимот на Силекс од Кратово. Ова ќе биде убава можност на „градски“ во Штип да присуствуваат гледачите и особено оние најзагреаните симпатизери кои на само нивни својствен начин ги помагаа своите миленици и еве сега по скоро две години ќе се вратат на единствената трибина. Брегалница имаше успешни подготовки на Златибор, во тимот има комбинација на играчи кои останаа верни од минатата сезона, има и повеќемина новајлии и сите тие се со единствена цел, да заиграат како знаат и умеат и да обезбедат висок пласман на Брегалница во ова прволигашко јато. А зошто да не и во оваа година на 100 годишен јубилеј не се постигне и толку посакуваната цел – излез во фудбалска европа. Од друга страна тимот на Силекс отсекогаш бил привлечен за штипски фудбалски таленти кои наоѓале своја егзистенција и кои со својот професионален однос и прикажаните игри се оддолжиле и на раководството и на навивачите на Силекс. Како и да е конечно фудбалот се враќа, навивачите исто така и останува актерите на теренот да развезат со своите потези и да ги подесат нишанските справи.

Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk