
Во тек е испалатата на грантови за реализација на училишни проекти од областа на мултикултуризмот информираат од Министерството за образование и наука. Ова е петта година во која од Буџетот на ресорното министерство се предвидуваат средства кои им се доделуваат на основните и средни училишта за организирање и реализирање на активности кои придонесуваат за развој и унапредување на мултикултуризмот, меѓуетничка интеграција и толеранција.
„Наставните и воннаставните активности кои се финансираат со грантови во висина од најмногу до 30.000 денари, се реализираат самостојно од страна на училиштата или во соработка со други училишта, со учество на ученици од различни етнички заедници и на повеќе наставни јазици.“ – додадо од МОН.
Досега, за оваа намена преку јавни повици објавени од страна на МОН доделени се вкупно 509 грантови, од кои 384 на основни училишта и 125 на средни училишта. Само во учебната 2020/2021 година доделени се 70 грантови на основни и 23 на средни училишта, а исплатата на средствата е во тек.
„МОН ќе продолжи и во идната учебна година да ги поддржува активностите кои ги промовираат мултиетничките и мултикултурните вредности, заради зголемување на интеракцијата меѓу учениците кои наставата ја следат на различни јазици, подобрување на меѓуетничката интеграција и елиминирање на стереотипите и предрасудите, со крајна цел градење на општество без бариери особено помеѓу младите.“ – истакнаа од министерството.
Лаура Стојанова М-Нет