Противпожарни екипи од пет општини ноќва се бореа со пожарот во Кочани

Со вклучување на хеликоптер од Армијата, противпожарни екипи од пет општини во Истокот: Кочани, Штип, Виница, Пробиштип и Македонска Каменица, ЈП „Водовод“, Национални шуми, како и со поддршка од граѓаните, утринава во 4 часот се стави под контрола пожарот, којшто два дена беснееше во Кочани.

Првично гореше околу фабриката за вода во Кочани, потоа пожарот се прошири и кон браната Градче, а во вечерните часови огнената стухија наближи до местото викано Бавчалук.

Поради стрмноста и непристапноста на теренот пожарникарите не можеа да дејствуваат кај бавчалукот но, не дозволија проширување на огнот кон првите најблиски куќи. Командирот на противпожарната територијална единциа Кочани, Благој Паунов, истакна дека околу 400 луѓе биле вклучени во целата акција на гасење на пожарот.

„Во вчерашното гасење на пожарот во Кочани беше вклучен еден хеликоптер, којшто во седум-осум налети успеа да помогне многу, и тој беше присутен некаде до 20 часот. Во гасењето на пожарите учествуваа екипи на противпожарни единици од Кочани, Штип, Пробиштип, Виница и Македонска Каменица и некаде околу 30тина пожарникари.

Пожарот кај фабриката за вода во Кочани беше ставен под контрола некаде околу 23 часот, а кај Бавчалукот се интервенираше до 4 часот утринава. Екипи на противпожарната територијална единица Кочани се уште се таму и се гасат догорените дрва, со цел спречување на уште еден нов пожар“ – истакна Паунов.

Бидејќи водата од фабриката за вода беше наменета за гасење на пожарот од ЈП Водовод апелираа рационално користење на истата. Директорот Андреј Киров, истакна дека засега нема никакви рестрикции на вода во Кочани, бидејќи пожарот е изгаснат, но тоа не значи дека граѓаните треба водата да ја користат нерационално.

Ова не е прв пожар во Кочани деновиве. Пожар претходно имаше и на локација кај фабриката за вода, во атарот на селата Чешиново и Облешево, како и во село Бање. Причините и штетите допрва ќе се утрврдуваат.

Лаура Стојанова М-Нет