
Продолжува вакцинацијата во домашни услови на територија на Општина Штип. Медицинските тимови велат дека сè се одвива во најдобар ред. Според нив, има и доволно тимови за вакцинација во домашни услови и доволно вакцини за истата.
„Во тек е и вакцинацијата во домашни услови. За денеска имаме закажано 8 пациенти за вакцинација со прва доза во домашни услови. Сите граѓани коишто не се пријавени во системот, можат да дојдат во Салата „Јордан Мијалков“, да се пријават и да бидат вакцинирани во домашни услови со вакцината „Синовак“. Имаме доволно тимови во моментов. Меѓутоа, факт е дека тимовите ни се поделени. Имаме тимови во Здравствениот дом, коишто работат со прва доза, тимови во Салата, коишто работат со ревакцинација, како и тимови за терен“, рече Иле Постолов, заменик координатор за вакцинација.
Во тек е и вакцинацијата за деца под 16 години. Истата се одвива во Здравствениот дом „Панче Караѓозов“. Сепак, засега нема официјални информации за заинтересираноста.
Денес ситуацијата е стабилна и во Здравствениот дом „Панче Караѓозов“ и во Спортската сала „Јордан Мијалков“. Заинтересираност има, велат медицинските тимови. Поради тоа, за разлика од претходните денови, гужва имаше и на пладне.
„За денес имаме закажано околу 400 пациенти за ревакцинација во Салата „Јордан Мијалков“, а веќе се поминати над 300 пациенти. И оваа недела продолжуваме исто, исклучиво се врши ревакцинација во Спортската сала „Јордан Мијалков““, додаде Постолов.
Постојано се врши достава на нови дози на вакцини од Министерството за здравство за прва доза со „Синовак“, а се дополнуваат и потребните вакцини за ревакцинација.
„До овој момент вакцини има. Треба да имаме дополнителна количина на нови вакцини, коишто треба да стигнат во секој момент“, рече Постолов.
Според информации од Министерството за здравство, вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Вкупно се аплицирани 847.336 дози вакцини, а ревакцинирани се 351.369 граѓани. 63% од населението над 70 години, 60% од населението над 65 години, 55% од населението над 60 години и
45% од населението над 50 години имаат примено барем една доза вакцина.
Лаура Стојанова МНет