Од вкупно 38 пријавени деца во Штип, за вакцинација се појавиле само 15

Слаб одзив за вакцинација на деца во Штип. Од пријавените 38 деца за вакцинација, во понеделникот биле вакцинирани само 15. Пријавувањето преку сајтот вакцинација.мк за оваа возрасна група е задолжително, додека за останатите влезот е слободен, односно вакцинацијата се врши без закажан термин. Но потребно е да се почитуваат термините за примање ревакцина во Спортската сала „Јордан Мијалков“, која како регионален центар ќе работи до крајот на месецов.

„Во салата „Јордан Мијалков“ продолжува ревакцинацијата. Оваа недела имаме поголема гужва поради поголемиот број на закажани пациенти за ревакцина. Инаку, таму исклучиво се одвива ревакцинацијата, но не ги враќаме граѓаните доколку дојдат и за прва доза“, изјави Дијана Коцева – Миланова, координатор за вакцинација.

Вакцинацијата тече непречено и во Здравствениот дом „Панче Караѓозов“ и таму дневно се вакцинираат околу 100 – 150 лица просечно. Достапни вакцини се „АстраЗенека“ и „Синовак“.

„Редовно од Министерството за здравство се врши достава на нови количини вакцини како се трошат залихите“, потенцираше Коцева – Миланова.

Граѓаните во договор со докторите избираат вакцина со која ќе бидат вакцинирани. Меѓутоа, докторите треба да направат проценка за тоа дали постои индикација за аплицирање на одредена вакцина. Најмногу заинтересираност има за „Фајзер“, а најмалку за „Синовак“ поради одлуката на граѓаните да патуваат во странство. Сепак, вакцините „Фајзер“ засега се користат за вакцинација на доилки, одредени хронично болни лица и деца, по препорака на Министерот. На повозрасните од 60 години, пак, им се нуди избор помеѓу „Синовак“ и „АстраЗенека“.

Во понеделникот се вршеше и обука за аплицирање на вакцината „Фајзер“, токму поради затворањето на Спортската сала.

„Предвидено е граѓаните да се вакцинираат понатаму во местата каде што живеат, затоа и се вршеше обуката. Салата „Јордан Мијалков“ како регионален центар ќе функционира до крајот на јули. Понатаму жителите на градовите ќе си одат по нивните населени места. Беше спроведена обука за аплицирање и растворање на вакцината „Фајзер““, додаде координаторката.

Секако, продолжува и теренската вакцинација во околните села. Денес истата се одвива во Софилари, Драгоево и Селце. Таму бројот на вакцинирани зависи од населеноста на самите места.

„Одзивот на жителите по селата е задоволителен, ние сме задоволни. Тие просечно се околу 60 – 80. Оваа недела завршуваме со теренската вакцинација. За утре се во план плачковичките села“, рече координаторката.

Според информации од Министерството за здравство, досега во Штип се вакцинирани 37,2% од населението, во Пехчево – 36%, во Берово – 30,9%, во Пробиштип – 29,7%, во Кочани – 25,3%, во Делчево 24,9% и 24,5% во Виница.

Лаура Стојанова МНет