Коцев: Водата ако ја нема, не може да се купи со пари!

Како што изгледа, проблемот со прекумерното трошење на вода во Штип нема да се реши во скоро време. До овој заклучок дојде директорот на ЈП „Исар“, Здравко Коцев, истакнувајќи дека и по големиот број апели и предупредувања, граѓаните продолжуваат водата да ја трошат неконтролирано.

„Не верувам дека тоа наскоро ќе се реши. Луѓето едноставно не можат да сфатат дека таа вода е исклучиво за пиење и за лична хигиена, не и за наводнување на посеви. Ние секојдневно апелираме, па еве и овојпат еден апел до сите жители на општина Штип да водат повеќе сметка околу трошењето на вода. Тоа што некои мислат дека ние правиме рестрикција не е точно. Едноставно, во тој период толку е капацитетот, се потрошува и се чека да се наполнат резервоарите. Тоа е тоа, издашноста е толку“, изјави Здравко Коцев, директор на ЈП „Исар“.

Овој проблем со вака енормна потрошувачка на вода во Штип се случува прва година, односно во годините наназад се трошело вода, меѓутоа не во вака енормни размери. Коцев вели дека приклучувањето на неколку дополнителни штипски населби на водоводната мрежа се причината за сегашната голема потршувачка на вода.

„Сега мора да бидеме самокритични и да бидеме искрени кон жителите, да кажеме дека оваа година се приклучени Чардаклија, Балканска и претходно Караорман, така што издашноста на водата е толку, максимум 240 литри во секунда, а сега веќе имаме нови приклучоци, коишто бараат дополнителна вода и тука се појави тој дисбаланс. Една молба до жителите, да се воздржат од коментари. Водата ако ја нема, не може да се купи со пари. Не станува збор за тоа дали сакаме или не. Ние сакаме да профитираме“, додаде Коцев.

Од септември, кога штипјани ќе добиваат вода за пиење од хидросистемот Злетовица, Коцев се надева дека проблемот со водноснабдувањето ќе биде историја.

Лаура Стојанова МНет