КБ Штип моментално работи нормално, се извршуваат и оперативни зафати

Со намалување на новозаразените пациенти од Ковид 19, како и притисокот врз болниците, започнаа повторно да се прават хируршки зафати и во Клиничка болница Штип. И покрај тоа што дел од медицинските лица користат одмор, сепак кадар има и се задоволуваат потребите на граѓаните.

„Во тој дел сме вратени во нормала. Сите амбуланти си работат нормално, оперативните процедури си почнаа. Имаме само мал дел кај хирургијата, таму, вообичаено, секоја година се оние операции коишто ги нарекуваме елективни: кила, жолчка итн. и тие не се работат во јули – август. Тоа е така и заради персоналот и заради временските прилики, што значи дека тоа се операции коишто може да почекааат. На крајот на август ќе почнеме и со нив. Таму многу бргу ќе ги намалиме листите на чекање за тие операции, бидејќи имаме можност да работиме во две сали. Што е најважно, конечно, почнаа операциите за перде, народски кажано, или катаракта. Тие се работат веќе две недели и таму се оди по листите на чекање коишто биле. Отприлика се работи за 20 – 30 операции неделно, така што ќе продолжиме со истото темпо, цело лето ќе се работат тие операции и таму ќе ја намалиме бројката. Се надеваме дека нема да дочекаме некој нов есенски бран, којшто повторно ќе ја поремети работата, па, конечно, ќе можеме да се посветиме на сите пациенти коишто имаат потреба од здравствени услови во Клиничка болница“, изјави директорот на КБ Штип, Ален Георгијев.

Но и доколку, евентуално, дојде до несакан четврти ковид бран, Клиничка болница Штип е подготвена да им излезе во пресрет на граѓаните.

„Веќе имам кажано по медиумите дека се реконструира зградата на инфективниот оддел и се очекува да заврши до крајот на август. Се работи за промена на прозорите и фасадата. Вчера заврши постапката за поставување на централен довод, ги чекаме оние вообичаени законски денови за тоа дали ќе има жалба или не. Доколку нема, многу бргу, се надевам, за месец дена ќе биде поставен и централниот довод и сите 75 кревети во одделот за инфективни болести, така што со оние 47 и овие 75 кревети, коишто ќе бидат поставени за централен довод на кислород, поспремно ќе дочекаме некој евентуален нов есенски ковид бран, бидејќи ќе имаме над 120 кревети коишто ќе бидат поврзани на централен довод на кислород, што ни беше сериозен проблем. Тоа беше голем напор и за вработените и ја отежнуваше работата“, додаде Георгијев.

Директорот на Клиничка болница Штип посочи дека само со масовна имунизација би се спречило евентуално доаѓање до четврти ковид бран.

Лаура Стојанова МНет