Хуманоста на Аце од Штип е безгранична, нова насмевка се раѓа на лицето на Мишела од Куманово

Хуманоста на Александар од Штип нема граници. Почнувајќи од Штип, па со помош на семејство во светиниколско Ерџелија, денеска тој и неговата екипа градат нов свет за малата Мишела од Куманово. Девојчето кое пред месец дена легнуваше со празно стомаче и во речиси срушена куќа денеска благодарејќи на Аце, има скоро се што и е потребно. Единаесетиот роденден на Мишела значеше почеток на активностите на Аце и екипата, а замислените желби Мишела стануваат реалност.

„Јас како што гледам таму на терен, Мишела со облека, со храна, со сè што ѝ е потребно е обезбедена. Лично ние од мојата екипа ѝ однесовме сè што ѝ е потребно на нејзиниот роденден. Еве, да напоменам, таа сакаше ролерки и базен, па ние ѝ купивме. Немаше ни патики, па ние ѝ купивме два-три пара нови патики. Тренерки, блузи, маички,… Сè што ѝ е потребно, Мишела има. Не е гладна, не е боса, не е оставена на улица.“, ни кажа Александар Ѓорѓиевски.

На терен се десетина дена, а веќе е завршен и кровот на новата куќа за Мишела и нејзината баба. Но, како што истакна Аце во хуманитарната акција се вклучиле и позицијата и опозицијата. Проблем преставува секојдневното патување од Штип до Куманово, но со желба за да се помогне и да се врати насмевка на едно младо девојче се поминува и покрај тоа. За велешките и штипски мајстори обезбеден е доручек и ручек од угостителски објект од Куманово.

„Почнавме со моите соработници – мајстори од Велес и од Штип на нејзиниот роденден. Таму сме на терен веќе десетина – петнаесет дена. Ја срушивме комплет куќата, го исчистивме ѓубрето, ставивме темели, ја изѕидавме, го завршивме и кровот. Во напредна фаза е, сега за сега оди добро. Морам да потенцирам дека за првпат во Куманово се ангажираа и власта и опозицијата, што за мене е многу важно.“, истакна Ѓорѓиевски.

Во споредба со проектот во Ерџелија каде почетокот изгледаше како невозможна мисија, овде се знаеше дека ќе се заврши, но потешкотите не изостанаа.

„Овде е малку потешко затоа што секој ден треба да се вози по 150 километри во еден правец и 150 километри да се вратиш назад. Овде мораше да се донесе и багер за куќата да се сруши целосно, исфрливме 12 камиона смет, ѓубре, земја од старата куќа, којашто беше изгорена. Таванот беше целосно срушен, куќата беше срушена, што претставуваше многу ѓубре и ако го чистевме со раце, немаше да го исчистиме цела година. За среќа имавме на располагање багер, камион. Исто така, темелите ги копавме рачно. Луѓето на терен имаа голема мака додека се копаа темелите, бидејќи одоздола имаше големи камења. Имавме и уште еден голем проблем кога ја полневме плочата. Нарачавме миксер за да ни стигне готов бетон и експресно брзо да ја завршиме работата. Камионот не можеше да влезе во таа тесна улица, па и тоа го правевме рачно.“, додаде Ѓорѓиевски.

Засега се обезбедени потребните материјали за довршување на започнатите активности и се очекува за месец дена и оваа хуманитарна акција да заврши успешно.

Лаура Стојанова МНет